Турската Република Северен Кипар (ТРСК) во четвртокот упати критики кон Европската унија откако Европската комисија се повика на претходните заложби за ставање крај на изолацијата на кипарските Турци и на напорите за „градење мостови и унапредување на дијалогот“- потези што ТРСК ги отфрли како обид за создавање „лажен впечаток“ за напредок.
Министерството за надворешни работи на ТРСК соопшти дека наводите во писмото на Комисијата не ја одразуваат реалноста на островот, обвинувајќи ја ЕУ за задржување „пристрасен и неискрен“ став во однос на кипарското прашање.
Од Министерството наведоа дека кипарските Турци со години се принудени да живеат во услови на, како што ги опишаа, нехумана изолација и ембарга, што претставува кршење на меѓународното право и човековите права.
Тие истакнаа дека ограничувањата во областите кои опфаќаат сè- од образование и спорт до култура и економски живот- ги кршат основните права на кипарските Турци.
Во соопштението, исто така, ЕУ се обвинува дека се обидува да го зачува „неправедниот статус кво“ на островот и дека попушта пред ветата на кипарската грчка страна.
„Постои очигледна реалност: народот на ТРСК сè уште е изложен на нехумана изолација пред очите на ЕУ и на меѓународната заедница“, се вели во соопштението.
ЕУ не покажува „никаква подготвеност“ за ублажување на изолацијата
Во соопштението на ТРСК, повикувањето на Европската комисија на одлуките на Европскиот совет од 2004 година- насочени кон ставање крај на изолацијата на кипарските Турци- како и нејзините тврдења за „градење мостови“ и „унапредување на дијалогот“, се опишани како „ништо повеќе од обид за создавање лажен впечаток“.
„ЕУ не презеде никакви конкретни чекори, ниту пак покажа искрен пристап, политичка волја или визија за отстранување на неправедните ограничувања наметнати врз турско-кипарскиот народ и нехуманите пречки создадени од грчко-кипарската страна. ЕУ, која го поддржува грчко-кипарското раководство што дури и на нашите млади луѓе и спортисти им оневозможува да воспостават врски со светот, е најголемиот заштитник на статус квото на островот“, се додава во соопштението.
„Не можеме сериозно да ги сфатиме Европската Унија и нејзиниот таканаречен претставник (потпретседател на Европската комисија и специјален претставник на ЕУ за Кипар), Рафаеле Фито, кои ја игнорираат волјата, суверената еднаквост и еднаквиот меѓународен статус на турско-кипарскиот народ и ја искривуваат реалноста на островот преку пристрасни извештаи, писма и изјави.“
Во соопштението се наведува дека турско-кипарскиот народ и ТРНК ќе ја продолжат својата борба во рамките на сопствената државна структура, со силна поддршка од Република Туркије, и ќе останат решени да ги бранат своите права врз основа на суверена еднаквост, и покрај сите ембарга и обиди за попречување.
„ТРНК нема да ги прифати овие празни тактики за одложување и пристапи насочени кон прикривање на постоечката неправда на островот. Постои една фундаментална вистина што меѓународната заедница мора да ја разбере: сè додека целосно не се укинат овие застарени ембарга наметнати врз турско-кипарскиот народ и не се признаат нашата суверена еднаквост и еднаквиот меѓународен статус, декларациите на ЕУ за ‚добра волја‘ нема да имаат никаква тежина во нашите очи.
„Во исто време, невозможно е да се разбере прикажувањето во печатот и јавноста на лажен впечаток дека во рамките на ЕУ се случуваат позитивни промени во однос на изолацијата. Далеку од тоа да преземе чекори за укинување на изолацијата на кипарските Турци, ЕУ нема да покаже подготвеност дури ни за нејзино ублажување.“
Децениски проблем
Островот е заглавен во децениски спор меѓу кипарските Грци и кипарските Турци.
Во 1974 година, грчко-кипарскиот пуч, чија цел беше анексија на островот од страна на Грција, доведе до воена интервенција на Туркије- како земја гарант за заштита на кипарските Турци од прогон и насилство. Како резултат на тоа, во 1983 година беше основана ТРСК.
Во последниве години, мировниот процес се одвиваше со прекини, вклучително и неуспешната иницијатива од 2017 година во Швајцарија, спроведена под покровителство на земјите-гаранти: Туркије, Грција и Обединетото Кралство.
Јужен Кипар, под грчка управа, пристапи кон ЕУ во 2004 година- истата година кога кипарските Грци самостојно го блокираа планот на ОН за решавање на долготрајниот спор.






















