Владата на Словенија ги повлече одлуките за именување амбасадори во Израел и Хрватска, откако земјите домаќини не дадоа согласност за предложените кандидати, соопшти во вторникот Министерството за надворешни работи.
Како што се наведува, станува збор за Роберт Крмељ, кандидат за амбасадор во Израел, и Ксенија Шкрилец, предложена за амбасадорка во Хрватска, кои беа именувани од претходната влада. Одлуката за повлекување е донесена на телефонска седница на Владата минатата недела, откако кандидатите речиси шест месеци не добија официјално одобрение од државите приемнички.
Претседателката на Словенија, Наташа Пирц Мусар, уште во декември минатата година изрази загриженост во врска со повеќе кандидатури за амбасадорски позиции, но тогашната влада сепак ги потврди именувањата.
Според словенечките медиуми, меѓу спорните кандидати биле и поранешниот министер за кохезија Александар Јевшек, кој конкурирал за амбасадор во Сараево, економистката Ивана Недижавец Корада, предложена за постојана претставничка при Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) во Париз, како и дипломатот Изток Мирошич, за кого било планирано преместување од Вашингтон во Рим.
Во меѓувреме, Јевшек и Недижавец Корада ги повлекоа своите кандидатури, додека владата на премиерот Роберт Голоб кон крајот на јануари го поништи именувањето на Мирошич, кој остана на должноста во Вашингтон.
Шкрилец остана на својата кандидатура, и покрај резервите на претседателката, која во февруари одби да потврди едно од спорните именувања. Сепак, Министерството за надворешни работи побара согласност од Хрватска, но Загреб уште претходно побара дополнителни појаснувања во врска со нејзината кандидатура.
Во случајот со Израел, кандидатурата на Крмељ беше одобрена во јануари, по оставката на амбасадорот Богдан Батич, но израелските власти не дадоа согласност. Според медиумските извештаи, дел од дипломатите сметаат дека причината не е личноста на кандидатот, туку политичкиот контекст и критиките на словенечката влада на сметка на израелскиот геноцид во Газа.
Министерството за надворешни работи сега ќе мора да распише нови конкурси за испразнетите амбасадорски места, освен во случај да бидат именувани кандидати од т.н. политичка квота.




























