Кавалот како уникатен инструмент во македонскиот фолклор има вековна традиција. Од 2019 година свирењето и изработката на кавал се прогласени за културно наследство од исклучително значење.
Стефче Стојковски е виртуоз на традиционални дувачки инструменти. Љубовта кон кавалот му ја пренеле неговиот дедо и татко кои биле дел од фолклорни ансамбли. Тој е чувар на овој значаен елемент на македонската фолклорна традиција.
„Од пет годишна возраст почнав да ја откривам тајната на овој древен народен инструмент. Мојот дедо и мојот татко ми направија едно мало кавалче за мојата возраст на кое јас почнав да свирам” вели Стојковски во разговор за ТРТ Балкан.
Тој истакнува дека кавалот е нераскинлив белег на македонскиот народ и буди бурни емоции.
„Тоа се емоции на расположение, на љубов, на радост, емоции на среќа. Но исто така кавалот може да опее и емоции на тага. Тој е еден инструмент кој со својата боја ги оплеменува не само луѓето туку и животните. Кавалите се свиреле по трлата заедно со овците, бидејќи е и овчарски инструмент, статистички е докажано дека животните произведуваат повеќе млеко, подобар принос на волна, подобар принос на јагниња ... Значи тој е инструмент кој оплеменува, кој облагородува и сметам дека кавалот како инструмент е еден нераскинлив белег од македонскиот народ”, вели Стефче.
Љубовта кон кавалот Стефче ја пренесува на идните генерации.
„Ова што сега е тренд на многу млади да изучуваат изворни инструменти е за поздравување. И јас сето мое акумулирано знаење кое сум го добил од моите родители и пошироко од музичари инструменталисти од цела Македонија несебично им го пренесувам на младите генерации. Во самата техника на свирење, во самото изучување, мора да си создадат свој препознатлив стил, којшто ќе ја зачува автентичноста, но ќе даде инвенција од самиот инструменталист”, изјави Стефче во разговорот.
Тој ја негува македонската традиционална музика и преку ансамблот кој го носи неговото име.
„Со тој ансамбл ние оставивме белег во македонската музичка историја и не само во Македонија туку и ширум светот. Успеавме да прошетаме во повеќе од 42 држави, да ја презентираме во најдобро светло македонската музика и да оставиме слика и белег на она кои сме, што сме дека имамаме длабоки корени зад нас”, истакна Стојковски.


























