Вицепремиерот и министер за европски прашања, Беким Сали, рече дека Европа треба да биде поблиску до граѓаните на Северна Македонија преку конкретни резултати.
Сали во Брисел се сретна со европската комесарка за проширување, Марта Кос, со која разговарале за европската иднина на земјава и можностите што ги отвора новиот пристап на Европската Унија (ЕУ) кон проширувањето.
„Европа треба да биде поблиску до нашите граѓани, не само преку ветувања, туку преку конкретни резултати.“ напиша тој во социјални мрежи.
„За нас, постепената интеграција е можност реформите да се претворат во видливи придобивки: поевтини плаќања преку СЕПА, подобра дигитална поврзаност, нови можности за бизнисите и приближување кон европските програми.“ додаде Сали.
Според него, државата останува посветена на реформите, а истовремено, верува дека напредокот треба да се вреднува според заслугите и да биде проследен со конкретни чекори кон членството.
„Особено ми е драго што еврокомесарката Кос имаше можност директно да комуницира и со медиумите од нашата земја, преку интервју посветено на европската перспектива. Европската интеграција треба да биде процес што граѓаните го гледаат, го чувствуваат и од кој имаат придобивки.“ истакна Сали.


























