„Од Гази Баба ја згази Европа“. Со овој наслов македонскиот весник „Нова Македонија“ во февруари 1993 година, ја објави радосната вест за каратистот Елвир Куртановиќ, првиот европски шампион од прогласувањето на македонската независност. На Европското првенство во Кардиф, Велс, Куртановиќ беше прв и го освои златниот медал, првата спортска гордост во тогаш младата држава која само пред две години прогласи независност. Во разговор за ТРТ Балкан, Куртановиќ говореше за тоа што значеше тогаш овој спортски успех за него лично и за македонскиот спорт и како тој повеќе од две децении успешно „плива“ во тренерските води во карате клубот „Кеикс“.
Македонските каратисти на Европското првенство во Кардиф, Велс, во 1993 година, блеснаа во вистинско свлетло. Елвир Куртановиќ на 21-годишна возраст стана првиот европски шампион во карате во земјава, а меѓу освојувачите на медали, беа и Зоран Пејов, кој беше трет во истата конкуренција, како и Ангел Георгиев, кој освои бронза во конкурекција кадети. Куртановиќ објаснува дека и пред тогашното првенство веќе имал претходно искуство во Југословенската репрезентација во карате, каде бил, како што вели, можеби и еден од најискусните тогашни југословенски репрезентативци.
„Моментот кога го освоив медалот посебно ми беше впечатлив начинот и дефилето на прогласувањето на медалот, каде што покрај интонирањето на македонската химна за првпат во историјата на независна Македонија интонацијата беше проследена со гласно пеење на целата репрезентација и аплаузи кои што, за мене, кога и ден денес ќе се сетам, ми даваат едно чувство на големо задоволство и едно големо достигнување за карате спортот и генерално за спортот и за нашата држава. Да ја презентираме во Европа во онакво светло како што мислам дека заслужува и дека треба да биде“, се присетува Куртановиќ во интервјуто за ТРТ Балкан.
Потсетува дека враќањето назад во Скопје од Кардиф претставувало вистинско задоволство, не само за него и неговите најблиски, туку и за сите љубители на каратето.
„Моите родители, коишто веќе се починати, беа пресреќни од мојот успех. Татко ми беше голем љубител на спортот, мојот брат, мојата сестра, моето пошироко семејство и моите пријатели ме дочекаа и тоа беше еден момент којшто за мене мислам дека ќе остане во големо сеќавање. Се сеќавам исто така на написите на медиумите. Имаше еден напис во Нова Македонија кој што ми остана впечатлив, вели: „Од Гази Баба ја згази Европа“. И ова не беше само мој личен успех, јас бев тој што само го реализираше тоа, тоа беше резултат на една долгогодишна работа, на моите тренери, на моите клубски другари, на моите другари од репрезентација, и сите го доживеавме буквално како да сме заеднички го освоиле тој медал“, раскажува Куртановиќ.
Доколку се погледне пошироката слика, може да се воочи дека 1993 година за Куртановиќ била исклучително успешна. Поради успешните резултати како каратист, во новинарските анкети и од спортските асоцијации тој бил прогласен за најдобар спортист на Македонија.
Во поглед на неговите понатамошни успеси, Куртановиќ може да се пофали и со три учества со пласмани меѓу осмото и 16-то место на светските првенства во Шпанија, Малезија и во Јужна Африка. Тој бил и европски студентски првак во Бањска Бистрица во 1995 година, освоил второ место на Европското првенство во Вадо рју во Париз во 1996 година, второ место на Европското првенство во Луксембург во 1997 година.
Секако, за Куртановиќ се незаборавни и првите моменти во светот на каратето. Првиот допир со овој спорт тој го имал во спортската сала во Чаир, за која вели дека во та време била највпечатлив и единствен затворен спортски објект во скопската населба. Токму во таа спортска сала, Куртановиќ почнал со редовни тренинзи во КК Цветан Димов.
„Улогата на тренер ме исполнува“
Вредностите во спортот, вели Куртановиќ, секогаш имал желба да ги пренесе на помладите генерации. Така, на иницијатива и идеја на неговиот брат Самир, во 1999 година се ангажирале во покренувањето на карате клубот „Кеикс“. Сега, членовите на овој карате клуб постигнуваат резултати и успешно ги бранат црвено-жолтите бои надвор од земјата.
„Улогата на тренер е нешто што навистина ме исполнува и мислам дека го работам од сѐ срце и дека на еден најдобар начин на своите ученици што им пренесуваме не само да станат врвни спортисти, туку пред сѐ да станат луѓе, да станат коректини, да бидат респектебилни, да бидат дисциплинирани и сите оние вредности кои што спортот ги носи. Сега, веќе имаме и многу медали во минатото, со кои можеме да се пофалиме од балкански, европски првенства, од државни првенства, турнири кои се организираат во организација на Карате федерација на Македонија во нашата држава, во регионот, регионални првенства и верувам дека уште не сме го реализирале максимално својот потенцијал. Резултатите допрва ќе треба да следат и се надевам од најврвните и најдобрите светски првенства“, порачува Куртановиќ во интервјуто за ТРТ Балкан.























