Амбасадата на САД во Приштина соопшти дека одржувањето на Стратегискиот дијалог САД-Косово зависи од создавањето соодветни услови, вклучително и исполнувањето на обврските на Косово кон косовските Срби
Портпаролот на американската амбасада, во одговорот за јавниот радиодифузен сервис во Косово, потсети дека дијалогот е суспендиран на неодредено време во септември 2025 година.
„Соединетите Американски Држави го суспендираа Стратегискиот дијалог САД-Косово на неодредено време во септември 2025 година поради загриженоста поврзана со постапките што ги презеде тогашната Влада во технички мандат“, се наведува во одговорот на американската амбасада.
Сепак, САД истакнаа дека остануваат посветени на унапредувањето на заедничките интереси со Косово.
„Остануваме посветени на унапредувањето на заедничките интереси на Соединетите Американски Држави и народот на Косово“, се наведува понатаму во одговорот.
Во врска со можноста за започнување на планираниот дијалог, американската амбасада соопшти дека тој може да се одржи кога ќе се создадат соодветни услови, особено наведувајќи ги обврските на Косово кон српската заедница.
„Очекуваме Стратегискиот дијалог со Косово да се одржи кога ќе се создадат соодветни услови, вклучително и исполнување на обврските од страна на Косово кон косовските Срби“, се наведува во соопштението.
Пред неколку дена претседателката на Косово, Јустина Широка-Пуља, на средбата со американските сенатори Џин Шахин и Дик Дурбин разговараше за зајакнување на стратегиското партнерство со САД, при што побара и обновување на Стратегискиот дијалог и членство на Косово во НАТО.
Широка-Пуља оцени дека Стратегискиот дијалог со САД е суштински инструмент за продлабочување на стратегиското партнерство и унапредување на заедничките приоритети.



























