Проф. д-р Мехмет Булут е избран за нов ректор на Меѓународниот балкански универзитет (ИБУ) во Скопје.
Според соопштението на ИБУ, Булут ја презема функцијата ректор по изборите спроведени во согласност со членот 97 од Законот за високото образование на Северна Македонија.
Изборите се одржаа на шесте факултети и во една висока стручна школа на Универзитетот, според принципот на слободно, непосредно и тајно гласање.
Булут доаѓа на местото на досегашниот ректор, проф. д-р Лутфи Сунар.
Булут е познат по својата академска работа во областа на економијата и економската историја, како и по искуството во управувањето со универзитети, јавни институции и меѓународната академска соработка.
Од 2013 до 2022 година, тој беше ректор на Универзитетот „Сабахатин Заим“ во Истанбул, каде што се фокусираше на академскиот развој, интернационализацијата и зајакнувањето на истражувачките капацитети на институцијата. Од 2022 до 2025 година, беше член на Управниот одбор на Советот за научни и технолошки истражувања на Туркије (ТУБИТАК).
Роден во 1970 година во Чанаккале, Туркије, Булут дипломирал на Универзитетот „Докуз Ејлул“ во 1992 година, додека докторската титула по економска историја ја стекнал на Универзитетот во Утрехт, Холандија, во 2000 година. Во 2008 година ја добил титулата професор, а во текот на кариерата бил и член на Советот за високо образование на Турција (ЈОК) и на Турската академија на науките (ТУБА).
Тој учествувал во истражувачки и наставни активности на универзитетите Харвард, Принстон, Кембриџ и Оксфорд. Неговите главни истражувачки области ги вклучуваат долгорочниот економски развој, османлиско-европските економски односи, економската историја и исламската економија.




























